Како што истакна директорот на Институтот за културни рути Стефано Доминиони, културните рути на Советот на Европа преку патување низ просторот и времето покажуваат како наследството и културите на различни и далечни делови од Европа можат да придонесат во заедничкото културно наследство. Притоа, културните рути ги отелотворуваат основните принципи на Советот на Европа: човековите права, демократијата, културната разновидност и идентитетот.
Обуката за едукација, презентација и интеграција на културните рути на Советот на Европа се одржа во Висби на островот Готланд, Шведска. Повеќе од 60 учесници од повеќе од 15 европски земји дискутираа и разменуваа искуства за добрите практики, а фокус на овогодинешната обука беа младинските програми и финансирањето на културните рути. Беа исто така претставени и проектите кои во наредните години ќе се натпреваруваат за Сертификатот Културна рута на Советот на Европа. Меѓу проектите е и Културната рута на писателките; по иницијатива на Форумот на словенските култури во кој досега се приклучија седум држави, по конференцијата на Научниот совет за културни рути што се одржа во април во Љубљана, во Белград ќе се одржи и програмски одбор на новонастанатиот проект.