Откако ФСК продолжи со планираните активности прилагодени на моменталната состојба, Интернационалниот симпозиум Пиранова беше претставен онлајн. „Нашата цел беше повторно да се поврземе во новата нормалност, да се слушаме и да слушнеме што имаме да кажеме, да споделиме искуства, знаења и чувства, да отвориме простор за проток на информации и практики и да изградиме нови мостови, партнерства, како и да бидеме присутни на меѓународната арена”, изјави др. Андреја Рихтер, директорката на Форумот на словенските култури.
Предавањата на дванаесет експерти од седум земји беа поделени во четири тематски секции: музеите за време на карантинот, управување со тим и тимска работа, изложби, предмети, активности и настани и музејските посетители и јавноста.
Николај Ненов, директорот на Регионалниот историски музеј од бугарскиот град Русе, ја претстави ситуацијата во десет музеи за време на карантинот, Аленка Чернелич Коршељ, директорката на Посавскиот музеј Брежице, зборуваше за активностите за време и по затворањето на музејот, директорката на Музејот на Југославија од Србија Неда Кнежевиќ ја претстави работата на музејот без посетители, и Миха Шпичек од Словенечкиот етнографски музеј го претстави проектот Коронски хумор. Веселина Канчева од бугарскиот музеј на отворено Етар ги сподели своите искуства за работа и тимскиот дух за време на вонредната состојба со повеќе од 40 учесници на симпозиумот од 10 различни земји.
Како дел од тематската секција изложба, предмети, активности и настани, италијанката Клаудија Ферети, звучен уметник, зборуваше за социјалната улога на звукот за време на карантинот и како да се користи звукот како двигател на општеството. Жељка Боснар Салихагиќ, директорката на Тифлолошкиот музеј во Загреб, одржа предавање за транспарентноста на професионалните информации за помалку застапените и ранливите групи во музејското опкружување, а Лидија Адер, виш истражувач во музејскиот стан на Николај Римски Корсаков, презентираше искуства користејќи музика и мултимедијска содржина во музејот. Драган Циквариќ од српскиот музеј на отворено „Старо село Сирогојно“ го претстави фестивалот „Светот на музиката“, а Мирослава Стесиук од Музејот на Јарослав во Русија, визуелно и вербално го претстави богатото културно и природно наследство на Јарослав.
Симпозиумот, кој исто така опфати и бројни дискусии, заврши со предавања на експертот за музеологија Ели Влахоу од Грција за истражувањата пред отворањето на подводните археолошки паркови, како и Елизавета Фокина, директорката на Државниот музеј Каричино, која им понуди на учесниците богата содржина за музејските посетители и јавноста.
Врз основа на анализата и одзивот, ФСК ќе продолжи со вакви меѓународни симпозиуми и во иднина, како дел од Центарот за истражување на меѓународно наследство Пиранова.