Саемот на книгата Сонувам книги (Sa(n)jam knjige) во Истра, кој се смета за фестивал на автори и издавачи и кој секоја година е посетен од неверојатни 80.000 посетители, за јубилејното 15-годишно издание беше збогатен со нова програма Словенска градина, иницијатива на меѓународната фондација Форум на словенските култури. Програмата има за цел да ја промовира збирката 100 словенски романи, како и современата словенска литература.
„Среќни сме заради одличната соработка со нашите партнери во простор каде се среќаваат различни култури, каде што се среќаваат словенскиот и римскиот свет и се отвораат нови хоризонти преку нашиот нов проект со кој ги разбивме бариерите и создадовме програма која не е само „минлива приказна“, истакна д-р Андреја Рихтер, директорката на Форумот на словенските култури на отворањето на саемот. Магдалена Водопија, директорката на саемот во Пула, изјави: „Словенската градина е заснована со тенденција да стане традиционален, траен и важен дел од саемот“.
Со програмата и збирката 100 словенски романи, ФСК се претстави на престижна локација на влезот на самиот саем, а гости на програмата беа и тројца современи руски автори: Јевгениј Водолазкин, Гузел Јахина и Сергеј Лебедев. Покрај споменатите автори и нивните преведувачи, како и хрватските издавачи, во програмата учествуваше и словенечко-австриската писателка Маја Хадерлап. За време на своите предавања и презентации, гостите-автори меѓу другото, истакнаа, дека нивната литература не е поврзана само како словенска, туку честопати преку темите кои се одраз на слични историски искуства.
Програмата беше надополнета со изложбата на словенечкиот фотограф Јоже Сухадолник „Утра во Русија“.
