Главните Жива награди се доделуваат на полскиот Музеј на емиграции и рускиот музеј Кижи

За наградата Жива за најдобар словенски музеј и најдобар словенски културен и природен споменик оваа година се натпреваруваа 25 музеи од 12 словенски земји. На петтото по ред доделување на награди досега (претходните беа одржани во Скопје, Санкт Петербург, Задар и Блед), наградата Жива за најдобар словенски музеј ја освои Музејот на емиграции од Гдиња, Полска. За првпат, победникот доби и финансиска награда од 3.000 евра. Стручното жири, кое се состои од 13 експерти за музеи од словенските земји и Европската академија на музеи, за прв пат, го избра и добитникот на Жива наградата за најдобар словенски културен и природен споменик која ја освои рускиот музеј Кижи.
Покрај главните награди се додели и Жива наградата за водење која ја освои Археолошкиот парк Виминациум (Костолац, Србија), Регионалниот историски музеј Шумен (Шумен, Бугарија) ја освои наградата за отвореност и атрактивност за посетителите, Музејот на современа уметност во Загреб (Хрватска) за креативност, Меморијалниот парк и музеј Лидице (Лидице, Република Чешка) за раскажување приказни, Центарот за градбено наследство Плази – Национален технички музеј (Плази, Чешка) за ефикасно користење на ресурсите.
“Целта на Жива наградата е зголемување на јавната препознатливост на словенските музеи, како и зајакнување на нивната улога на локално, регионално и меѓународно ниво и промовирање на активности во духот на општествената одговорност,” изјави д-р. Андреја Рихтер, директорката на Форумот на словенските култури на доделувањето на наградите Жива за 2018 година, кое се одржа во Националниот технички музеј во Прага, додавајќи дека преку наградите последниве пет години веќе успеале да се поврзат 100 словенски музеи. Повеќето од нив, исто така, преку натпреварувањето за Жива наградата станале препознатливи во поширокиот европски простор, каде што добиле можност за промоција и поврзување заедно со добитниците на други европски награди за музеи.

Scroll to Top