Форумот на словенските култури, во соработка со своите партнери, по петти пат ги подели наградите Museums in Short – европска награда за најдобар музејски краток филм. Во категоријата “изложба” наградата ја освои филмот на холандскиот музеј Ван Гог, во категоријата “промоција” наградата ја освои филмот на Дијахронискиот музеј во Лариса во Грција, во категоријата “раскажување приказни” наградата за најдобар краток филм ја освои францускиот Музеј на европски и медитерански цивилизации (MUCEM). Наградата на публиката падна во рацете на грчкиот археолошки музеј Китера.
49 музеи од 20 европски земји беа пријавени на 5-тиот натпревар за наградата Museums in Short – европска награда за краток филм за / во / со музеи. Комисијата на судии – меѓународна екипа на експерти за музеи, медиумите и видео продукцијата избраа 12 финалисти поделени во три категории: промоција (реклами за музеи и нивните изложби и настани), изложби (кратки филмови за постојани и привремени изложби) и раскажување приказни (кратко видео нарација – документарни филмови, интервјуа, анимирана графика…). “Во Пиран пак, веќе втор пат по ред, со помош на локалните партнери се одржа последниот чин – доделувањето на наградите. Истото се одржа на отворен простор за очите на јавноста. Така, покрај претставниците на музеите и продукциските куќи, како и судиите од десет различни земји, на церемонијата за доделувањето на наградите се придружија и голем број на туристи во Пиран”, изјави д-р Андреја Рихтер, директорката на Форумот на словенските култури по прогласувањето на победниците на наградата Museums in Short 2018.
Во категоријата изложби, победи Музејот Ван Гог во Амстердам (Холандија) со филмот Поглед со јапонско око / Seeing with a Japanese Eye. Во категоријата промоција, победи Дијахронискиот музеј во Лариса во Грција со филмот По трагите на стапките на човештвото / Tracing the Footsteps of Human Society. Во категоријата раскажување приказни, победи филмот Рурални светови / Rural Worlds на францускиот музеј MUCEM во Марсеј. Наградата на публиката, врз основа на најголемиот број на гласови онлајн, ја освои филмот Јас сум лавот од Китера / I am the Lion of Kythera на Археолошкиот музеј Китера во Грција.