ФСК како специјален гостин на културниот форум во Санкт Петербург

Д-р Андреја Рихтер, директорката на Форумот на словенските култури, на церемонијалното отворање на форумот (каде што се обратија и Олга Голодец, вицепремиерка на Руската Федерација, Владимир Медински, руски министер за култура и заменик на кинескиот и турскиот министер за култура) наведе:
„Во нашата работа ние се стремиме кон споделување знаења, искуства и идеи и пред сè нудиме можности да учиме едни од други и да го зголемиме нашиот креативен потенцијал”.

Во текот на изминатите осум години, Меѓународниот културен форум во Санкт Петербург стана глобален простор каде што се дискутираат современи културни процеси, зачувувањето на културното наследство и стратегии за развој на националните култури. Оваа година, во три дена учествуваа дури 40.000 учесници од 96 земји. Присуствуваа 56 странски делегации, на чело со дури 18 министри за култура. Меѓу нив беа и министрите од словенските земји: Словенија, Србија, Северна Македонија и Белорусија.
Тие, заедно со шефовите на делегациите од земјите членки на ФСК, се состанаа на специјален состанок на покана на Министерството за култура на Руската Федерација и Ала Манилова, заменик руски министер за култура. На состанокот како почесни гости присуствуваа и: Михаил Швидкој, специјален пратеник на рускиот претседател за меѓународна културна соработка, Михаил Хорев од Одделот за хуманитарна соработка и човекови права при Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, Михаил Бризгалов, генерален директор на рускиот музички музеј, Елена Калницка , генерален директор на музејот Петерхоф, кои заедно со другите гости од Русија, дискутираа за
15-годишнината на ФСК и идните предизвици. Тие се согласија дека во текот на изминатата деценија и половина се зајакнати врските меѓу словенските држави, но и дека словенските нации имаат многу повеќе да споделат едни со други, па дури и повеќе со целиот свет. По овогодинешната видлива и препознатлива презентација, тие посочија дека и понатаму ќе продолжат да вршат слични активности и во иднина. Уште во 2020 година би можел да се организира Словенски музејски дијалог, Меѓународен фестивал на словенски филмови, како и други заеднички концерти. Тие исто така предложија започнување на проект Година на словенските култури.

Во рамките на ФСК програмата, во Ермитаж се одржа и дискусија за националните медиуми. Истата ја водеше Михаил Швидкој, специјален пратеник на рускиот претседател за меѓународна културна соработка, а учествуваа и: Зоран Познич, министер за култура на Словенија, Хисни Исмаили, министер за култура на Северна Македонија, Јани Вирк, писател и уредник на документарната програма ТВ Словенија, Александар Гаталица, писател, уредник и новинар во Радио-телевизија на Србија, како и Ивана Коцељ, раководител на Одделот за музика во Хрватската радио-телевизија.

Посебен дел од програмата беше серијата на филмски проекции со наслов Нов бугарски филм, како и дебатите со бугарските режисери: Кристина Стојанова, Кирил Коларов, Галина Толева и Иван Савов.

Scroll to Top