Форумот на словенските култури ја одбележува својата 15-годишнина

Меѓународната фондација Форум на словенските култури ќе ја одбележи 15-тата годишнина од постоењето на институцијата со организација на специјални настани во Словенија и земјите-членки надвор од неа. Почесен покровител на настаните во Словенија е претседателот на Република Словенија, Борут Пахор. ФСК стана референтна платформа за меѓукултурен дијалог и центар за поврзување на словенските држави во областа на уметноста, културата, образованието, науката и културниот туризам.
“Форумот на словенските култури, со седиште во Словенија, поврзува 13 словенски земји (Белорусија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Словачка, Полска, Србија, Руската Федерација, Украина, Македонија, Црна Гора и Словенија). По 15 години од неговото постоење, ФСК стана референтна платформа за меѓукултурен дијалог и центар за поврзување на словенските држави, како и успешен промотор на словенските култури надвор од границите на земјите-членки на Форумот “, изјави директорката на Форумот, д-р Андреа Рихтер на прагот на годината во која ќе бидат организирани специјални настани по повод одбележувањето на 15-годишнината. Главниот настан во Словенија ќе се одржи во јуни, под покровителство на претседателот Борут Пахор. Покрај тоа, на словенечкото тло веќе се организираат неколку настани, вклучувајќи: свечен концерт, литературен маратон со писателите од збирката 100 словенски романи (напомена, во колекцијата досега се објавени повеќе од 70 романи на 9 словенски јазици) во Крањ, мултимедиски перформанси за модата и словенското културно наследство во Љубљана. Ќе се отвори и нова тематска област во која фокусот ќе биде проучување на младите словенски мигранти во словенскиот свет. 15-годишнината од ФСК, исто така, ќе биде одбележана и во другите земји-членки на ФСК.
“Со одбележувањето на 15-годишнината сакаме и понатаму да го зголемуваме својот досег и да станеме уште подостапна фондација – да изградиме мостови не само до стручната јавност, но и до пошироката јавност во словенските земји и надвор од нивните граници. Ние веруваме дека во ова ќе успееме со организирањето на голем број на настани, а пред сè и со активната мрежа на партнери и комуникациските процеси “, изјави Рихтер, додавајќи дека тие се особено горди на својата веб-страница (www.fsk.si), каде што во 2019 се финализира концептот на функционирање на веб-страницата како меѓународна страница со низа информативни точки кои не обезбедуваат само информации, туку и соработка и вмрежување на корисниците и институциите. Пред сè, страницата е уникатна во тоа што содржината е достапна на сите 13 словенски јазици и на англиски јазик.

Донирање книги

Во јубилејната година, ќе продолжат да се зајакнуваат општествено-одговорните активности, поради свеста за важноста на зачувувањето и промовирањето на културното наследство. Бидејќи јазикот е основа за разбирање, комуникација, споредување, меѓусебно запознавање и оценување, ФСК одлучи делата на најрепрезентативните автори на современиот словенски роман кои беа објавени во збирката на 100 словенски романи на девет словенски јазици, да бидат донирани на партнерските библиотеки во сите словенските земји и Министерствата за надворешни работи во истите. Министерствата за надворешни работи ќе се погрижат донираните книги да почнат да го кружат светот преку нивните дипломатски мрежи. Ова ќе ја зголеми видливоста на реномираните имиња, како и пристапноста до квалитетни современи романи.

Во рамките на своите проекти и настани ФСК досега поврзал*:

550 културни институции (архиви, библиотеки, галерии, матици, музеи, театри …),
24 министерства за култура, надворешни работи, економија, туризам …,
235 музеи,
118 писатели, преведувачи, дистрибутери, издавачи,
33 образовни институции,
46 локални заедници,
Центри на словенските култури (Москва, Белград, Радље об Драва),
УНЕСКО, Советот на Европа, ICOM, Немо …

* Податоците важат за периодот до јуни 2018 година.

Scroll to Top