Активностите на Форумот на словенските култури за 2024-тата година се во полн ек. Директорката Андреја Рихтер во август ги посети претставниците на Министерството за култура и регионалниот етнографски музеј на отворено во Бугарија „Етар“. Работната средба беше насочена кон зајакнување на меѓусебната соработка и планирање на доделувањето на наградата Жива за 2024-та година.
На средбата на Рихтер со заменик-министерот Чавдар Георгиев, раководителот на секторот „Меѓународни активности“ Петер Миладинов и директорката на Директоратот за културно наследство, музеи и визуелни уметности Екатерина Џумалиева, се разговараше за можностите за проширување на соработката помеѓу Форумот на словенските култури и бугарското Министерство за култура во областа на литературата, културното наследство и музеите. Министерството активно го поддржува присуството на својата земја во мрежата на Форумот на словенските култури преку својата претставничка Екатерина Џумалиева, која е и долгогодишен член на жири-комисијата за наградата Жива.
Во 2024-тата година, Бугарија ќе биде домаќин на еден од најважните меѓународни настани во областа на словенските музеи – доделувањето на наградата Жива, која следната година ќе ја одбележи својата десетта година од постоењето.
Андреја Рихтер и Екатерина Џумалиева го посетија Габрово за да се запознаат со условите за реализација на проектот. Градоначалничката на Габрово Тања Христова иницијативата ја дочека со раширени раце, а организатор од бугарска страна е музејот „Етар“ на чело со директорот д-р. Свето Димитров. Музејот ќе ја одржи конференцијата во своите простории, а доделувањето на наградите ќе се одржи во градот Габрово.
Музејот на отворено, добитник на наградата Жива во 2020-тата година за најдобар природен и културен споменик, е вистински регионален скапоцен камен, ако не и национален. Покрај зачувувањето на архитектонското и традиционалното етнографско наследство, активно се посветува на развојот на културниот туризам и креативните индустрии, за што особено говори KEVIS – фестивалот на креативноста што ги поврзува природата и кинетичката уметност. Организатор на фестивалот е Центарот за неформално образование при музејот „Етар“, а партнери во реализацијата на проектот се Катедрата за визуелни уметности при Универзитетот Св. Климент Охридски во Софија и Здружението Art in Action.