Зоран Јанковиќ, градоначалник на град Љубљана, Блаж Першин, директор на Музејот и галериите на град Љубљана, др. Андреја Рихтер, директорка на Меѓународната фондација – Форум на словенските култури, Јернеја Батиќ, проект менаџер за реновирањето на Вила Златица и др. Ирена Шмуц, авторката на постојаната изложба Иван Хрибар и буржоазијата на Љубљана, со свеченото сечење на лентата ја отворија реновираната Вила Златица на Хрибар.
Вила Златица некогаш била дом на еден од најважните градоначалници што градот Љубљана го имал во својата историја. Обновена е од страна на градската општина Љубљана, со вилата управуваат Музејот и галериите на градот Љубљана, а Меѓународната фондација – Форум за словенски култури во неа го има и своето ново седиште. Покрај наследниците на Иван Хрибар и неговата сопруга Марија Хрибар, на отворањето присуствуваа и амбасадори на словенските земји и одговорните лица поврзани со обновата на вилата.
Блаж Перчин, директорот на Музејот и галериите на град Љубљана, во својот говор истакна: „Важноста на градоначалникот Хрибар, кој започна со обнова на Љубљана после земјотресот, и се запиша во гените на нашиот град со големи букви како либерална личност со слободно размислување, е неизмерна. Хрибар беше човек кој имаше извонреден слух за развој и технолошки напредок. Значајна е и неговата изјава: „Дваесеттиот век ќе биде век на електричната енергија“. Со своето напредно водење за време на неговата градоначалничка функција го прошири во сите насоки развојот на Љубљана. Но, покрај неговото материјално наследство, не смееме да ја занемариме ниту неговата духовна и културна величина. При тоа, можеме само да споменеме дека, меѓу другото, тој ги преведе басните на Ла-Фонтен на словенечки јазик. Беше иницијатор на збирката уметнички дела на градската општина, а збирката на нашите импресионисти е основа на збирките во Градскиот музеј и Националната галерија“.
Иван Хрибар беше неуморен поборник на Обединета Словенија и обединување на јужните Словени во заедничка држава. Тој беше носител на почесни награди на царска Русија, Кралството Србија и Кралството на СХС, како и амбасадор на Кралството на СХС во Чехословачка. Можеме да кажеме дека словенската душа била вткаена во неговата суштина. Токму поради овие факти, денес во Вила Златица се наоѓа и домот на Меѓународната фондација – Форум на словенските култури. „Довербата меѓу локалната заедница, културната институција и меѓународната институција е реткост. Не само во Словенија, туку и на меѓународно ниво. Нашиот соживот е почеток на ново поглавје. Врската меѓу нас е Иван Хрибар. Слично како и тој, Форумот гради мостови и ја оживува креативноста на словенските култури. Ова е прикажано и преку повремената изложба под наслов ПРОМЕНУВАМЕ – ПОВРЗУВАМЕ – ОЖИВУВАМЕ – ПРОМОВИРАМЕ – КВАЛИФИЦИРАМЕ: Од Хрибар до Форумот на словенските култури“, изјави др. Андреја Рихтер, директорката на Форумот на словенските култури.
Зоран Јанковиќ, градоначалникот на град Љубљана, посочи дека нивниот интерес е секогаш да се направи нешто на што можеме да се гордееме и што можеме да го покажеме на целиот свет. Реновирана Вила Златица е токму тоа. „Она што ме радува е тоа што нуди и работна околина, како и средина во која може да се ужива. Нека долго време Вилата и служи на својата цел“, истакна Јанковиќ. Од вторник, 11 мај 2021 година, водените разгледи во Вила Златица ќе се одржуваат секој ден од вторник до недела, и секој полн час помеѓу 10,00 и 17,00 часот.