Писателот Славко Јаневски спаѓа во самиот врв на современата македонска литература. Автор на поетски книги, патописи, литература за деца, сценарија за филм, Јаневски е сепак неодминлив со своите романи, особено со оние од циклусот за Кукулино, митско и таинствено место, повеќеслоен симбол на Македонија, но со извесни свои елементи и својства, но и на драмата на човекот воопшто. Романот Рулет со седум бројки е последниот роман од циклусот за Кукулино. Дејствието на овој роман се одвива во некој полустварен а полумитски простор, некаде на европскиот југ, и во него дефилираат голем број ликови. Романот предлага една слика на еден свет кој успеал да се издигне над криминалот и над секојдневните ситни обврски и грижи. Тоа е свет во кој се уживаат благодетите на напредокот на технологијата и науката и во кој најчест начин на комуникација се смеата и веселбата.
