Гоце Смилевски е млад автор, роден 1975 година, претставник на најмладата генерација македонски романсиери. Романот “Разговор со Спиноза” влегува во оној тек на македонскиот и светскиот роман чии изворишта и поттици се наоѓаат во сферата на идеите. Кружниот пат кој потоа авторот го следи, води кон самиот живот кој човекот постојано го промислува, се обидува да го сознае и, ако е можно, да го живее во неговата полнота. Јунаците, во овој случај во романот на “Разговор со Спиноза”, се распнати меѓу живеењето на животот и промислуивањето на тој живот, меѓу човекот и идеалот. Во тој распон се содржи сета нивна драма, сета трагика на нивната мачна осаменост. Тие, всушност, како што е случајот со Спиноза, големиот филозоф, кој овде, во романот ја игра улогата на главен фикциски јунак (за чие обликување како подлога служи главно неговата стварна биографија или, како што вели авторот на романот, празните места во неговата биографија), се немоќни да живеат полнокрвно и страсно. Романот во 2003 година јадоби наградата Роман на годината во Македонија.
