Последните селани

Последните селани
Северна Македонија
Petre M. Andreevski
Петре М. Андреевски
Си талаликаат така луѓето и енѕаат, се ѕенѕаат, се зачекуваат. Плеткаат нешто со нозете и зазбивтано потскокнуваат. Им потскокнуваат и очите, образите, им се одлепуваат и ноздрите и само им се шират, како жабри од риби што ги исфрлила водата. Им крцкаат зглобовите, им испаруваат алиштата небаре запалени буништа.

Романот Последните селани од Петре М. Андреевски е едно од најчитаните дела во современата македонска литература. Тоа е хроника за распадот на македонското село во оваа технолошка ера, обесчовечено, испразнето од топлина, живот и смисла, оставено на празната ветрометина на времето и на бесмислата. Во овој испразнет предел се оставени да доизгаснат неколку осамени старци и старици, чии последни денови се загорчени и од драмата и трагедијата што се случува на неколкуте останати помлади жители. Тоа е роман на страсти, свирепости и силни емотивни пориви, проза на потресни судбини кои како да ја испишуваат последната страница од животот на нашето село, кое помни времиња на полнота, живот и целосна длабинска осмисленост. Како и во другите свои книги, и овде Андреевски раскажува спонтано, живо и со несекојдневна свежа народна лексика.

Петре М. Андреевски (1934-2006), поет, романсиер, раскажувач, драмски автор. Роден е во 1934 година. Член на Македонската академија на науките и уметностите. Ги објавил книгите поезија: Јазли (1960), И на небо и на земја (1962), Дениција (1968), Дални наковални (1971), Пофалби и поплаки (1975), Вечна куќа (1987) и Лакримариј (1999), книгите раскази: Седмиот ден (1964), Неверни години (1974) и Сите лица на смртта (1994), романите: Пиреј (1980), Скакулци (1983), Небеска Тимјановна (1988) и Последните селани (1987), книгата Драми (1984), во која влегуваат Време за пеење и Богунемили. Тој има објавено и две збирки стихови за деца под наслов Шарам барам и Касни порасни. Од неговиот книжевен опус досега му се печатени повеќе избори. Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени кај нас и во светот. Негови дела во посебни книги се презентирани на повеќе јазици надвор од Македонија. Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“ (два пати) „Рациново признание“ и „Стале Попов“ (два пати). Починал во Скопје во 2006 година.