Ермис Лафазановски е современ македонски прозен писател и есеист. Пишува романи, кратки раскази и есеи од областа на книжевноста и студии од областа на антропологијата. Ги објавил следниве збирки раскази: Половина божилак, Кога во Скопје ги беа измислиле чадорите, Егзотична кантата, потоа романите Благородник, Опишувач, Роман за оружјето, Храпешко, Недела, Историја на луѓето кои умреле од страв, како и еден број книги есеи од областа на фолклористиката.
За романот Опишувач ја добил наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 2001 година, за романот Роман за оружјето наградата „Прозни мајстори“ 2003, а романот Храпешко беше номиниран за македонски претставник за наградата „Балканика“ во 2006 година. Романот Храпешко е преведен на англиски, словенечки, хрватски, српски, полски и руски јазик.