Крсте Чачански е еден од најталентираните и најавтентичните македонски прозаисти од неговата генерација која се надоврза на Борхесовиот постмодернизам. Оттука, неговото зафаќање во неговиот роман Книга на небото со тема од историското минато на македонскиот народ претставуваше еден вид изненадување за читателите. Сепак, тој и во еден ваков роман останува доследен на својата поетичка определба така што, како што вели самиот во мотото на книгата, “тој не ја раскажува историјата, туку ја кажува судбината на зборовите како Книга”. Воедно, избраните ликови и судбини сместени во просторот околу Охридското Езеро, во време на Османлиската Империја, овозможуваат да испакнат рабните предели во кои најчесто страдаат оние што не се вклопуваат во големите матрици и шеми, како и оние што се обидуваат да ги надминат границите на своето време.
