Вежби за Ибн Пајко

Вежби за Ибн Пајко
Северна Македонија
Olivera-Nikolova-150x150.jpg.pagespeed.ce.mpl1VxXEbo
Оливера Николовa
Беше ти бил ибн Пајко човек мек како душа. Мек како душа, ама и силен како душа. Солза да му капнела врз камен, се велело, дупела бразда во него. Воздишка ли да испуштел спрам некого, од с'клет, од ихтиза или севда некаква, врз овега круна од ѕвезди небаре се правела, ѓoa да му свети како на светец и да го пази со сечилото на светлоста.

Последниве десетина години Оливера Николова, во вистински налет, создаде повеќе забележани прозни остварувања, меѓу кои романот Вежби за Ибн Пајко зазема особено место. Тоа е книга што уверува дека човекот е загадочно, таинствено и возбудливо суштество кое длабоко во себе сокрива копнежи, радости и таги, и тие се апсолутна константа без разлика на надворешните околности, припадноста на традиции, нации или религии. Сепак, надворешните околности сурово и драматично се замешуваат и ги испреметкуваат душите на луѓето, фрлајќи ги од ведрина во очај, од радост во целосен песимизам. Инаку, Николова успеала да создаде роман исполнет со аромата на древните времиња, преполн со магијата на таинственото и непознатото во кое, како што рековме, сепак се открива големото и трагично човечко срце. Ова е и роман за судирот но и за комплеметарноста на различното.

Оливера Николова (1936 - 2024), раскажувач, романсиер и драмски писател за возрасни и за деца. Завршила Филозофски факултет во Скопје. Автор е на книгите: Зоки Поки (проза за деца, 1963), Ден за летување (раскази, 1964), Тајната на жолтото куферче (роман за деца, 1965), Земјата во која никогаш не се стигнува (повест за деца, 1965), Зимски детективи (роман за деца и млади, 1972), Пријателите Бон и Бона (роман за деца, 1974), Сребрено јаболко (комедија, 1975), Чук, чук, Стојанче (пиеса за деца, 1976), Мојот звук (роман за деца и млади, 1977), Тесна врата (роман, 1983), Тажниот весел Владимир (проза за деца, 1984), Умна глава (пиеса за деца, 1984), Љубоболки (роман за деца и млади, 1988), Домашни задачи (роман, 1989), Камерата на Борис (проза за млади, 1989), Преминот е осветлен (роман за млади, 1990), Шифри на каменот (роман за млади, 1993), Бели стапки (роман за млади, 1993), А, Б, В... (сликовница за деца, 1993), Тромбот (роман, 1996), Адамово ребро (роман, 1999), Вежби за Ибн Пајко (роман, 2000). Добитник е на поголем број книжевни нагреади.