Бунар

Бунар
Северна Македонија
Dimitar-Bashevski
Димитар Башевски
Има нешто жестоко кога се во прашање бунарите: не можеш да ја видиш опачината. Не можеш да ѕирнеш од внатрешната страна.

Димитар Башевски спаѓа во елитната група македонски романсиери. Неговиот роман Бунар во 2002 година беше прогласен за роман на годината во Македонија. Романот типолошки може да се определи како психолошки роман. Во центарот на раскажувањето е бунарот како метафора за длабокото и скриеното, за копањето во себе до она вирче вода во кое како во мало огледало човекот ќе ги види сопствените (и на другите) победи, но и нешто што можеби било подобро и да не го видел – поразите, моралните падови, грешките спрема себеси и спрема другите, суетата. Главниот јунак, воден божем од благородни побуди, се зазема, во едно оддалечено место да ископа за луѓето бунар, а произлегува дека тие побуди не се сепак лишени од суета и од скриената потреба за подвластување на другите. Авторот се обидува да ги открие душевните и моралните последици. Во романот се испреплетуваат минатото и сегашноста преку повеќе раскажувачки тека и преку поврзувањето на различни судбини.

Димитар Башевски, романсиер, поет, раскажувач, преведувач и издавач. Роден во 1943 година. Филозофски факултет завршил на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Од 2000 до 2006 беше претседател на Македонскиот ПЕН центар.

Башевски е автор на следните романи, книги поезија и раскази: Туѓинец, роман, 1969; Враќање, роман, 1972; Раска, роман, 1974; Нема смрт додека ѕвони, роман,1980; Една година од животот на Иван Плевнеш, роман, 1985; Куќата на животот, поезија, 1987; Сарајановскиот каранфил, роман,1990; Дневникот на Ања, роман за деца,; Привремен престој, поезија, 1995; Совладано време, поезија, 1998; Бунар, роман, 2001; Аголен камен, поезија, 2005; Братот, роман, 2007; Во дланката своја си гледам, поезија, 2010, Прозорци, роман, 2010 и Белег. Сон, избор поезија, 2011, Прозорци, нова верзија, роман, 2013; Мајсторот, раскази, 2013; Скршнувања, поезија, 2016. Негови книги се преведувани и објавувани на неколку европски јазици. Добитник на повеќе награди.