Министерот за култура на Република Словенија, Антон Першак, истакна дека овој форум дополнително ќе ја унапреди традицијата на меѓусебна соработка во областа на културата и ќе овозможи нови врски меѓу различните културни институции од двете земји. Тој ја поздрави досегашната размена во рамките на сезоната на словенечката култура во Руската Федерација и руската култура во Република Словенија во 2017-та и 2018-та година, изразувајќи жалење што желбата за претставување на словенечката култура во Руската Федерација е многу поголема од реалните финансиски можности.
Ала Манилова, заменик-министер за култура на Руската Федерација и раководител на руска делегација од повеќе од 30 членови, во своето обраќање изјави: „Културата ги отвора границите и работи во позитивен контекст. Целта на овој форум е да си помагаме и да ја зајакнеме досегашната соработка.” Таа вети дека ќе ги поддржи проектите и настаните кои се во интерес на двете култури и нации. Руската Федерација ја поддржува работата на Форумот на словенските култури со седиште во Љубљана, кој се очекува да биде централна платформа за собирање желби и предлози за меѓукултурна размена. Форумот на словенските култури веќе четиринаесет години воспоставува мостови помеѓу државите, културните институции и експертите.
Во рамките на шест секции (театар и музика, музеи и галерии, филм, културно наследство, библиотеки и култура, како и културен туризам во регионите) се сретнаа повеќе од 80 словенечки и руски претставници, меѓу кои и директори на културни институции, локални заедници, министерства и претставници на регионални и провинциски власти на Руската Федерација. Во рамките на овие секции беа собрани конкретни предлози за соработка, со акцент на размената на изложби, филмски материјал, театарски и други претстави. Тие, исто така, ја истакнаа популаризацијата на наследството во двете земји и покажаа интерес за размена на знаења и експерти од областа на реставрацијата и конзервацијата.