Претседателката на Управниот одбор на ФСК, Маја Гојковиќ, во работна посета на Љубљана

Маја Гојковиќ, претседателkaта на Управниот одбор на Форумот на словенските култури, заменик-премиер на Република Србија и министерка за култура и информации, ја изведе својата прва официјална посета на новото седиште на Меѓународната фондација – Форумот на словенските култури. На работната средба со директорката, др. Андреја Рихтер, ја истакна важноста на институцијата како што е ФСК и зајакнувањето на заедничката промоција на културното богатство на словенските култури.

Управниот одбор на Форумот на словенските култури го сочинуваат министрите за култура на земјите-членки на ФСК. На следната редовна седница, на покана од претседателката на Управниот одбор на ФСК, Маја Гојковиќ од Србија, тие ќе се состанат во средината на јануари 2022 година во Нови Сад, кога градот ќе биде европска престолнина на културата. „Убедена сум дека ова ќе биде уште еден придонес кон развојот на нашите култури. За ова разговаравме за време на работната средба со др. Андреја Рихтер, директорката на ФСК. Дискутиравме и за конкретни проекти, за кои сакаме да бидеме уште попрепознатливи “, истакна Маја Гојковиќ, претседателката на Управниот одбор на ФСК, за време на посетата. Еден таков проект е несомнено и наградата Жива за најдобар словенски музеј и споменик на културата и природата. Седмата свечена церемонија за доделување на наградите ќе се одржи во Србија.

Рихтер и Гојковиќ разговараа и за другите проекти на ФСК, вклучувајќи ја и збирката Сто словенски романи, која оваа година слави 15-годишнина од постоењето, како и Културните рути на писателките, што ќе биде официјално признаен проект од страна на Европскиот институт за културни рути при Советот на Европа во јули. Маја Гојковиќ, исто така посочи дека институцијата од година во година добива се поголема важност и признание. Ова е една од причините зошто проектите на ФСК во Србија ќе бидат уште поподдржани од страна на државата која преку разни институции ќе биде уште поактивно вклучена во нив.

При посетата на Вила Златица, каде што ФСК го има своето ново седиште, претседателката на Управниот одбор на ФСК посочи дека животната приказна на поранешниот градоначалник Иван Хрибар симболично продолжува со работењето на ФСК. Во ФСК, моментално се подготвува и нов стратешки план за периодот 2022-2027 година.

За време на својата прва официјална посета, Маја Гојковиќ донираше и книги на ФСК. Како што изјави др. Андреја Рихтер, директорката на ФСК, истите ќе ги збогатат полиците на библиотеката на Хрибар, која вклучува голем број на книги од словенските земји и од целиот свет.

Фотографија: Борис Претнар

Scroll to Top