Главните награди Жива 2022 беа доделени на Градскиот музеј на Вировитица и Галеријата Цукрарна

Осмото издание на наградите Жива се одржа во соработка со Посавскиот музеј Брежице и Министерството за култура на Република Словенија, како и во партнерство со општина Брежице, замоците Рајхенбург и Подсреда и галеријата Божидар Јакач.

Наградата за најдобар словенски музеј ја доби Градскиот музеј на Вировитица (Хрватска). Според жирито, музејот „ја открил својата тема, предмет и материјали кои се тесно поврзани со историјата на регионот и на целото човештво, со животот на Земјата, и  ден-денес со заедничката одговорност се обидуваат да се спротивстават на неговата експлоатација. Се работи за дрвото кое ја претставува суштината на содржината, која музејот ја создаде и ја пренесе на модерен начин во сеопфатна приказна и уникатен и атрактивен изложбен проект кој привлекува многу посетители и во физичкиот и во виртуелниот музеј“.

Словенечката галерија Цукрарна, која припаѓа на Музејот и галериите на градот Љубљана, ја доби наградата Жива за најдобар споменик на културното наследство. „Галеријата Цукрарна покажува посебна адаптација на модерноста, активирајќи го старото за да создаде нов – модерен културен урбан простор отворен за јавноста кој нуди низа уметнички проекти и форми на соработка во национален и меѓународен контекст. За нешто повеќе од една година, галеријата ја исполни својата улога со поставување и продукција на различни изложби, едукативни активности, уметнички интердисциплинарни интерпретации, дебати и други оригинални настани кои ги рефлектираат актуелните општествени прашања – од кои многу, исто така, привлекуваат внимание и на вредноста на јавноста и наследството на самата локација“, наведе жирито во образложението.

Наградата за најдобар словенски музеј на петочната вечер во замокот Брежице ја додели министерката за култура и медиуми на Црна Гора, Маша Влаовиќ, која истакна дека актуелниот период е полн со предизвици за сите нас кои ги поврзуваме културната и идентитетска посебност на нацијата. „Ова не обврзува на повисоко ниво на соработка во рамките на семејството на словенските народи – меѓу културите со исти јазични корени, препознатливи традиции и слични историски искуства“, изјави Влаовиќ. Наградата за најдобар споменик на културното наследство ја додели директорката на музејот Посавина од Брежице, Аленка Чернелич Крошељ, која наведе дека 2022 година е посебна, бидејќи овој ренесансно-барокен замок, во кој се одржуваат и различни настани, годинава е и домаќин на доделувањето на Жива наградата.

Стручното жири додели и специјални награди за креативност на Музејот на современа уметност во Скопје (Северна Македонија), на раководството на Музејот на замоци во Пшчина (Полска), за раскажувањето приказни на Музејот на отвореното „Старо село“ во Сирогојн (Србија), за отвореноста за посетителите на Националниот етнографски музеј во Варшава (Полска), за ефикасното користење на ресурсите на музејот Љубовна во Стара Љубовна (Словачка) и за ефикасноста на тимот на Никола Кока Јанковиќ од Галеријата на Националниот музеј во Крагуевац (Србија). Словачкиот национален музеј – Музеј на словачките национални совети од Мијава (Словачка) доби почесно признание.

Андреја Рихтер, директорката на Меѓународната фондација Форум на словенските култури, која е иницијатор за доделување на наградите Жива, им посака на сите наградени наградите да придонесат кон тоа „нивната слава да ги надмине сегашните граници и да им донесе ново внимание и публика“.

Оваа година, според бројот на номинации, беше и рекордна во осумгодишната историја за Жива наградите, беа пријавени музеи и споменици на културното наследство од Босна и Херцеговина, Чешка, Црна Гора, Хрватска, Полска, Северна Македонија, Словачка, Словенија и Србија.

За наградите одлучуваше петнаесетчлено меѓународно жири, кое на последниот состанок беше придружено и од својот најнов член од Украина – Олха Хончар, директорката на Меморијалниот музеј на тоталитарните режими „Територија на теророт“.

Со своите награди Жива, Меѓународната фондација Форум на словенските култури ги наградува најнапредните и иновативни практики на музеи и културни и природни споменици во тринаесет словенски земји. Досега се номинирани дури 170 музеи и споменици на културното наследство.

Scroll to Top